Парадоксално, црквата успеа во она во што не успеаја цивилниот сектор, граѓанските активисти и опозицијата за триесет години – да создаде критична маса за првата мирна промена на власта во црногорската историја.

Јово Мартиновиќ

Ретко во која европска земја, по Полска на Војтила и на Валенса, религијата е толку присутна и испреплетена со политиката како во Црна Гора. Додека државата одамна ги регулира статусните прашања со Исламската заедница и со Католичката црква, со мнозинската Српска православна црква (СПЦ) и понатаму постојат бројни отворени прашања. Освен тоа, неодамнешното устоличување на новиот црногорски митрополит Јоаникиј во манастирот во Цетиње е без преседан во историјата.

Покрај чадот од темјан што ја придружуваше церемонијата во капелата Св. Петар, чад лебдеше на целото Цетиње – од фрлениот солзавец. Речиси две илјади полицајци ја обезбедуваа церемонијата од исто толку демонстранти кои агресивно се обидуваа да ја спречат, вклучувајќи и блокади на патиштата. Јоаникиј и српскиот патријарх Порфириј мораа да слетаат со хеликоптер и да побегнат до манастирот под заштита на силно вооружената полиција. Поларизираната Црна Гора беше на раб на крвопролевање.

Кога ќе ја погледнеме Полска, таму Католичката црква беше катализатор за демократски промени и пад на комунизмот во 90-тите години, додека во Црна Гора падот на преименуваната Комунистичка партија се случи дури по 30 години, под притисок на протестите иницирани од Православната црква.

Меѓутоа, истата СПЦ, која во Црна Гора со опозицијата (и со помош на Западот) минатата година ја победи владата на претседателот Мило Ѓукановиќ, потоната во криминал и корупција, беше катализатор за други промени во 90-тите.

Во тоа време, Српската православна црква, заедно со истиот Ѓукановиќ, беше на страната на воено-хушкачкиот режим на Слободан Милошевиќ, кој ѝ донесе крвав распад и економски колапс на Југославија. Активностите на црквата во Црна Гора под покојниот митрополит црногорско-приморски Амфилохије, од неговото доаѓање во Цетиње во 1990 година до неговата смрт во октомври 2020 година, беа придружени со бројни контроверзии. Во првите петнаесет години од своето владеење во Цетиње, Амфилохије експлицитно го протежираше српското гледиште за идентитетот на Црна Гора, негирајќи им ја етничката посебност на православните Црногорци. Исто така, беше нагласена политичката иконографија на силите поразени во Втората светска војна. На тој начин стекна лути непријатели меѓу луѓето на кои им е важна црногорската самобитност и антифашистичкото наследство. Антагонизмот отиде толку далеку што дел од црногорскиот блок во 1993 година започна со политичка обнова на некогаш самостојната Црногорска црква, која исчезна со насилното гаснење на црногорската држава и основањето на Српската православна црква во првата Југославија во 1920 година. Така, идентитетските поделби меѓу Црногорците добија и религиозна компонента, иако повеќето Црногорци не практикуваат религија надвор од она што претставува културно наследство. Последица од тоа е што секоја година на Бадник на Цетиње и во други градови се организираат паралелни бадникарски огнови и божиќни прослави.

Од 2006 година, Црна Гора повторно е независна држава, за чија обнова, колку и да изгледа чудно, придонесе и покојниот Амфилохије со неговото отворено немешање во референдумската кампања – на разочарување на просрпскиот блок. Црквата ја одмолчи и економската транзиција на Црна Гора, или, преведено, уништувањето на општествената сопственост и нејзиниот пренос во рацете на Ѓукановиќ и неговите тајкуни. За возврат, митрополитот доби благослов од режимот да продолжи со својата духовна мисија, вклучително и градежни потфати на територијата на законски заштитени културни добра. Бракот од интерес заврши на крајот на 2019 година, кога поранешната влада посегна кон запленување на црковниот имот преку нов закон.

Парадоксално, црквата успеа во она во што не успеаја цивилниот сектор, граѓанските активисти и опозицијата за триесет години – да создаде критична маса за првата мирна промена на власта во црногорската историја.

 

Јово Мартиновиќ е независен новинар, соработник на многу истакнати меѓународни и локални медиуми