По распадот на Југославија стана општествено пожелно јавното истакнување на верската припадност, а она незначително малцинство кое не прифати таков вид идентификација се сметаше и се смета за национални предавници и верски отпадници.

Драго Бојиќ

Босна и Херцеговина е уставно-правно дефинирана како секуларна држава со одделеност на религијата и на државата. Така стои и во уставот, но честопати не е така во религиската и во политичката пракса. Долгата историска испреплетеност на верското и на националното се наметна во почетокот на деведесеттите години како најважен идентификациски фактор. По распадот на Југославија стана општествено пожелно јавното истакнување на верската припадност, а она незначително малцинство кое не прифати таков вид идентификација се сметаше и се смета за национални предавници и верски отпадници.

Постојат многубројни примери од поновата босанско-херцеговска историја кои покажуваат дека религијата и националната припадност меѓусебно се силно испреплетени, и дека политичарите често функционираат како портпароли на верските заедници, а верските поглавари како политички претставници на народот (нацијата). Мнозинството босанско-херцеговски граѓани не прави разлика меѓу националната и верската припадност и затоа не ги прифаќа ниту принципите на секуларната држава. За сите поважни политички случувања се врзуваат и религиски содржини, а на позначајните религиски прослави се присутни и претставници на политиката.

Босанско-херцеговското општество функционира како општество на три нации и на три вери. Верските заедници им ја осигуруваат на националните политики лојалноста на своите верници, а националните политики им возвраќаат така што верските празници и симболи ги внесуваат во јавниот простор и во државните институции. По таа логика, ентитетот Република Српска ја слави крсната слава на свети Стефан Првомаченик (9 јануари) како Ден на Републиа Српска, и покрај тоа што Уставниот суд на БиХ во 2016 година го прогласи тој празник за неуставен, а многу институции во тој ентитет, на пример училишта, носат имиња на светци и слават крсни слави. Во местата каде што мнозинството се Хрвати и католици се земаат католички празници и прослави како ден на општината, па така, на пример, општина Кисељак го слави Денот на општината на празникот Свети Илија (20 јули), а општината Посуше и градот Широки Бријег го прават истото на празникот Успение на Пресвета Богородица (15 август ).

И претставниците на Исламската заедница внесуваат религиски содржини во јавниот простор, на пример, верски поздрави и религиски симболи во јавните институции. Кога реисот Кавазовиќ ги собира државните и политичките претставници на Бошњаците за да разговараат околу положбата на Бошњаците во Сребреница и во Република Српска, тој на овој начин директно зачекорува во подрачје од политиката кое не му припаѓа. Кога патријарсите на Српската православна црква (го правеа тоа и Павле и Иринеј, а сега и Порфириј) во пастирските походи кон верниците во Република Српска им даваат поддршка на републичко-српскиот ентитет и на политичарите кои го водат тој ентитет, тие не настапуваат само како духовни авторитети, туку и како политички водачи на тој народ. Кога кардиналот Пуљиќ зборува за загрозеноста и за мајоризацијата на хрватскиот народ во БиХ, тој ја презема реториката на ХДЗ и на мнозинството хрватски политичари во БиХ.

Наведените примери покажуваат дека во Босна и Херцеговина не се почитува најважниот принцип на секуларната држава – принципот на неутралност, кој е предуслов за рамноправност. Непристрасноста на државата во односот кон верските заедници осигурува еднаков однос кон сите членови на општествената заедница, и кон верниците и кон неверниците. Тоа не е слуачај во Босна и Херцеговина, во која се привилегираат верските заедници онаму каде што се мнозинсво, што доведува до дискриминација на малцинските верски заедници и на луѓето што не се религиозни.

Односот помеѓу државата и религијата во БиХ најчесто функционира по моделот – чија е власта, нему и верата.

 

Драго Бојиќ, теолог и публицист